Triathlon

Историја на триатлонот во Македонија

Триатлонот во Македонија се појавува во 1994 година, кога познатиот спортски работник и долгогодишен тренер во велосипедскиот спорт, Ѓорги Кузмановски, го промовираше овој спорт со организација на промотивен триатлон натпревар на езерото Треска кај Скопје, на 20 јуни 1994 година. На натпреварот учествуваа повеќе спортисти – велосипедисти, пливачи и атлетичари. Најдобар кај младинците беше Александар Коцевски (јуниор), кај сениорите Игор Димовски (двајцата пливачи), а кај ветераните најдобар беше промоторот Ѓорги Кузмановски. Натпреварот се одржа на следниве дистанци: 500 м пливање, 15 км велосипедизам и 2000 м трчање.

По промоцијата на триатлонот, клубот „Софка“ активно го промовираше овој спорт низ повеќе градови во Македонија. До 2001 година се основаа триатлон клубови во Скопје, Куманово, Кочани и Радовиш, а подоцна и во Струга. Триатлон натпреварите во периодот 1994–2001 година се одржуваа на Велешко езеро, Маврово и во Скопје, додека дуатлон натпреварите се организираа во Скопје, Кочани и Радовиш.

Првото неофицијално првество на Македонија е одржано во Маврово, на 21 Јули 1998 година. Прв првак на Македонија е Боро Банишки, член на Триатлон клубот Софка.

Во 1999 година, преку Македонскиот Олимписки Комитет, пристигна покана од Белград за учество на Балканијада на „Ада Циганлија“. Репрезентацијата на Македонија беше составена од промоторот Ѓорги Кузмановски во улога на тренер и селектор, а во неа настапија: Перо Коцев од Кочани, Јорданка Петрушевска од Велес, Боро Банишки од Скопје, Александар Стошиќ од Кочани, Цезар Пендаровски од Скопје и Борче Јордановски од Скопје. Со оглед на тоа што ова беше прв настап на Македонската триатлон репрезентација на ваков вид натпревар, резултатите беа многу добри. Пласманите по категории на репрезентативците беа задоволителни, што ја направи дебито мошне успешно.

Во 2006 година, Македонската Триатлон Федерација во Дојран го организираше Балканското првенство и Отворениот Европски куп, натпревар со големо меѓународно значење. Од македонските триатлонци најдобри резултати постигнаа Стојан Поповски, кој го освои 4. место кај сениорите, и Бојан Николовски, кој го освои 2. место кај кадетите.  

Најуспешни клубови во периодот 1994–2017 година беа „Софка“ од Скопје, кој беше апсолутен првак до 2013. и повторно во 2017 година, како и клубот „Титани“ од Струга, кој ја освои титулата во периодот 2014–2016 година.

Најуспешни спортисти со постигнати меѓународни резултати во тој период беа:

  • Стојан Поповски кај сениорите, кој беше олимписки кандидат за 2008 и 2012 година. Тој оствари повеќе пласмани во првата половина на 10 Европски куп натпревари и го освои првото место на меѓународниот триатлон натпревар во Малта, Куп на мали земји. Покрај тоа, со успех настапуваше и на „Ајрон Мен“ заедно со Душко Велишковски, бележајќи доста добри резултати во своите категории.

  • Кај младинците, најдобри резултати оствари Бојан Николовски: 2. место на Балканијадата и ЕТУ купот во Дојран, 4. место на ЕТУ куп во Аланија, Турција, и 5. место на ЕТУ куп во Кладово, Србија.

Од 2007 до 2011 година, претседател на Триатлон Федерацијата беше Игор Манасов, кој овозможи организација на дуатлон натпревари во Пробиштип. Федерацијата ги користеше природните ресурси на македонските езера, па така се организираа триатлон натпревари на езерата во Дојран, Струга и Охрид.

Од 2012 година до денес, претседател на Триатлон Федерацијата е Иван Михајловски. Со негова помош, а пред сè со добра соработка со развојната програма на Европската триатлон федерација, е овозможена значителна поддршка за натпреварувачите, особено за помладите категории. 

Во периодот 2014–2016 година беа организирани неколку развојни триатлон кампови, на кои учествуваа деца од клубовите: „Софка“ од Скопје, „Елан“ и „Ана-да“ од Радовиш и „Титани“ од Струга. Камповите завршуваа со натпревар на Националното триатлон првенство. Покрај триатлон, се организираа и дуатлон натпревари во Скопје и Радовиш.

Со помош на Европската триатлон федерација, Триатлон Федерацијата се вклучи во програмата и системот за едукација и евалуација на знаења поставени од развојната програма на Европската триатлон федерација. Така, натпреварувачи од возрасната категорија Јуниори учествуваа на развојни кампови во Аликанте, Шпанија, Тисовиварош, Унгарија, и Тулчеа, Романија, каде што се подготвуваа за тековната триатлон сезона.

Во рамките на едукацијата, Триатлон Федерацијата на Македонија има највисоко рангирани тренери со ниво 2 лиценца од ЕТУ Тренерската програма: Данчо Ѓеорѓијевски, Елена Зисовска и Никола Кутаноски, кои ја продолжуваат работата во едукацијата и тренажниот процес на младите триатлонци, додека со ниво 1 лиценца е Бојана Ѓорѓиеска.

Врвната едукација овозможи формирање на нови клубови: Триатлон Клуб „Триоги Рејсинг МКД“ од Скопје и „3 Дисциплини“ од Струга, кои се посветени на развојот на младите категории триатлонци. Овие клубови обезбедуваат систематска обука, континуирани тренинзи и масовно учество на национални и меѓународни натпревари, со цел да ги подготват младите спортисти за понатамошен натпреварувачки развој. Со тоа продолжува сеопфатниот процес на едукација и развој на триатлон спортот кај младите категории во Македонија. 

Триатлон Федерацијата има бројна судиска екипа на национално ниво, како и лиценцирани судии со ниво 2 од Европската триатлон федерација: Иван Михајловски, Моника Димовска и Бојан Николовски. Тие овозможуваат натпреварите во Македонија да се организираат на највисоко можно ниво, обезбедувајќи сигурни и безбедни трки, согласно прописите и правилата на Европската триатлон федерација. Иван Михајловски беше назначен од Светската триатлон федерација за судија на Летните олимписки игри во Париз 2024.